МАКЕДОНИЈА ПО ИСТОРИЈА: Со четврта победа на европски шампионати досега, кон прво осминафинале!

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје против селекцијата на Црна Гора го игра, без сомнение, најважниот натпревар на Европското првенство 2023. Најважен од аспект на остварување на желбата, амбициите и сонот за место кон најдобрите 16 европски одбојкарски репрезентации, за првпат во својата историја!

Македонија низ трите досегашни свои учества на европски првенства, вклучувајќи го и актуелното во Групата Ц во Скопје, има само три победи, заедно и со онаа од пред три дена против Данска. Денеска ја посакува само четвртата, но и тоа како значајна која во голема мера ќе го отвори патот кон осминафиналето на Евроволеј 2023.

Четвртиот триумф во 12-от натпревар на европските првенства речиси со сигурност ќе значи пласман на Македонија во елиминацискиот сегмент на 33-от континентален собир. Затоа што четирите најдобри селекции од Групата А, потоа во Бари ќе вкрстуваат со најдобрите четири од Групата А во осминафиналните пресметки.

Македонските одбојкари одиграа квалитетен меч против Данска, дојдоа до посакуваниот триумф, за да сега и тоа како се свесни дека ги очекува нов тежок натпревар со исклучително силен предизвик да се совладаат младите но квалитетни Црногорци. Пред кои не смее да има опуштање…

„Ова е Европско првенство, најдобрите репрезентации на континент и јасно е дека конкуренцијата е огромна. Јас секогаш велам, Македонија не може никого да победи 3-0, јас го посакувам тоа најмногу од сите, не сакам да играм над два часа во неизвесност, но реалноста е таква…, најважно е да играме и да победуваме. Би сакал да се заблагодарам на цела публика, атмосферата беше извонредна и таква поддршка ќе ни биде неопходна и на мечот со Црна Гора. Секако одиме на победа, но мора да биде приземни, смирени и трпеливи. Против Данска имавме и одредени проблеми во играта што Црногорците сигурно ги видоа. Наше е да излеземе на терен, да дадеме се од себе и заедно да се израдуваме на нова победа“ – истакнува капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓоргиев.

ДЕНЕСКА НА ЕП 2023 – ГРУПА Ц (СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје)

17 ч: Холандија – Чешка

20 ч: МАКЕДОНИЈА – Црна Гора

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...