Македонија против НБА ѕвезди во квалификациите за СП 2023? (ФОТО)

ФИБА го објави распоредот на „прозорците“ за квалификациите за Светското првенство 2023 во кои за прв пат ќе игра и Македонија. Имено, ќе се одржат шест „прозорци“, а еден од нив ќе биде во летото 2022 година, непосредно пред почетокот на Европското првенство.

Квалификациите за СП се предвидени да започнат веќе од 22 до 30 ноември, а јасно е дека во првиот „прозорец“ репрезентациите нема да може да сметаат на кошаркарите кои настапуваат во НБА лигата и Евролигата. Истото се очекува и за следните два кои ќе бидат одржани помеѓу 21. февруари и 1. март 2022, односно 27. јуни и 5. јули 2022 година.

Но, не и за „прозорецот“ кој ќе биде одигран помеѓу 22. и 30. август 2022 година. Овие натпревари воедно се очекуваат да бидат и подготовки за репрезентациите кои ќе настапат на Евробаксетот кој требаше да се одржи оваа година, но е поместен за 2022 и ќе започне на 1. септември.

Со оглед на тоа јасно е дека врвните репрезентации ќе имаат и врвни играчи во своите редови за овој „прозорец“, а ќе биде интересно да видиме кој ќе настапи против Македонија во двата дуела кои следат во овој период.

До крајот на квалификациите ќе останат уште два „прозорци“ од 7. до 15. ноември 2022, односно 20. до 28. февруари 2023 година.

Како потсетување, ждрепката на кои ќе бидат познати противниците на „црвено-жолтите“ ќе се одржи на 31. август оваа година.

Се вчитува...