Македонија „скоцка“ победа над Хрватска по голема битка (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонската одбојкарска репрезентација врза втора победа по ред на домашен терен во Златната европска лига. Вечерва во „Борис Трајковски“ падна селекцијата на Хрватска по голема 2,5 часовна битка. Македонија од 2-0, дозволи противникот да се врати и не само што дојде до 2-2, туку и во петтиот сет да се влезе во израмнета битка. Сепак, со два поени во одлучувачките мигови на крајот дојде до триумф од 3-2.

Одличниот почеток на македонската репрезентација придонесе првиот сет да се добие со убедлива разлика од 25:17. Вториот сет како да ја разбуди Хрватска, но недоволно, па избраниците на Јошко Миленковски го добија со 25:22.

Во третиот сет дојде до мало опуштање во редовите на македонската селекција, па Хрватите со подобар финиш успеаја да намалат на 2:1, добивајќи го сетот со 22:25.

Драматично беше во четвртиот сет, кога Хрватска одлично отвори и имаше водство од дури 1:7. Меѓутоа како одминуваше сетот, Македонија се консолидираше, и успеа во финишот да стигне дури и до предност. Следуваше израмнет финиш во кој имаше крајно неизвесна завршница. Хрватите иако во неколку наврати губеа, сепак, на крајот со 31:29 стигнаа до израмнување во сетови 2-2.

Одлично Македонија го отвори третиот сет, и имаше цело време предност, но Хрватите успеаја да стигнат и да дојдат до 12-12. Сепак, нашите одбојкари успеаја да се  изборат за меч топка, но ја загубија и мечот влезе во битка за разлика. Таму Македонија дојде до два поени и со конечни 16:14 го решија натпреварот.

Се вчитува...