Македонците против гигантите: Барди на мегдан со Реал, а Пандев против Јуве

Нема одмор за најдобрите македонски фудбалери, па по настапите за националниот тим сега пред Горан Пандев и Енис Барди се исклучително тешки натпревари на клупски план, во обид да се приреди изненадување против најтрофејните екипи во лигите во кои настапуваат двајцата наши интернационалци.

Барди со Леванте во 13 часот му гостува на Реал Мадрид, што ќе биде прв дуел на македонскиот репрезентативец против „кралевите“. Лани Леванте ремизираше 1-1 на „Сантијаго Бернабеу“, потоа одигра и 2-2 со Реал во Валенсија, но Барди двете средби ги проследи од клупата за резерви. Сепак, тој во меѓувреме стана значаен адут на својот тренер, па неслучајно и покрај ситната повреда македонскиот ас се најде на списокот на патници за Мадрид. Јасно е, доколку има слободен удар за Леванте во опасна зона, „Сантијаго Бернабеу“ и Куртоа ќе стравуваат од „бомбите“ на Македонецот.

Горан Пандев низ кариерата постигнал бројни погодоци против Јувентус, а навивачите на Џенова се надеваат дека македонскиот ветеран ќе им помогне да остварат подобар резултат на гостувањето против „црно-белите“, кои се со максимален ефект од почетокот на сезонава. Пандев беше значаен адут на Балардини и иделаен партнер за младиот Пјатек, па останува да се види дали истото ќе биде случај и кај новиот тренер Јуриќ, кој не му даваше преголема минутажа на македонскиот ас при својот последен престој во Џенова.

Се вчитува...