Мамиќ го избра новиот тренер, сега само треба да го избрка Бјелица

Здравко Мамиќ е бегалец од хрватските власти, но првиот човек на Динамо Загреб и од БиХ ги влече клучните потези за раководењето на „модрите“ од „Максимир“. Војната меѓу управата и фудбалерите и стручниот штаб само привидно беше прекината, а Мамиќ ги искористи претходните денови за да го договори новиот тренер – Игор Јовичевиќ. Станува збор за стратег што не е премногу познат на јавноста, но препорака му се одличните резултати со младинскиот тим на Динамо Загреб, со кој сезонава ги елиминираше Манчестер Сити и Баерн Минхен, обезбедувајќи учество во четвртфиналето од ЛШ за млади, каде по прекинот на паузата ќе треба да се сретне со Бенфика.

Јовичевиќ ги договорил условите за соработка за во следните 30 месеци да го води хрватскиот првак, но сега на Мамиќ му претстои потешкиот дел од задачата, да најде начин да го раскине договорот со актуелниот стратег Ненад Бјелица. Овој стручњак ги има симпатиите на јавноста, навивачите, но што е најважно – и поддршката на сите фудбалери, а токму Бјелица беше тој што најцврсто застана против предлогот на управата за намалување на платите.

Со тоа војната на тренерот со управата дополнително се разгоре, браќата Мамиќ сега бараат што побезболен начин да дојде до разделба од стратегот на чиј стручен штаб веќе му врачија отказ. Причината е јасна – Бјелица би добил уште најмалку три милиони евра доколку клубот еднострано му го раскине договорот, а инаетот и кај двете страни е огромен, па ќе биде исклучително тешко да се најде заеднички јазик.

Се вчитува...