Манасков: Ќе има новини во нашата игра за ЕП

Македонската ракометна репрезентација почна со тренинзи за време на ЕХФ-седмицата, што селекторот Раул Гонзалес планира да ја искористи за да ги пренесе своите тактички замисли на репрезентативците. Крилото Дејан Манасков смета дека серијата тренинзи ќе бидат добредојдени за сите ракометари максимално да ја разберат филозофијата на селекторот кој дојде среде квалификацискиот циклус и оствари одлични резултати, носејќи ја Македонија на ЕП.

„Се собираме првпат по тој последен натпревар со Чешка, ме радува што здравствениот билтен воглавно е позитивен и што речиси сите ќе можеме да ги одработиме овие тренинзи. Раул Гонзалес има некои замисли, нема да играме натпревари, туку само ќе тренираме за да ги прифатиме неговите замисли, можеби и да воиграме некоја нова тактика во одбраната. Полека, полека се подготвуваме за она што е вистинскиот предизвик за нас – Европското Првенство во јануари во Хрватска. Очекувам новини во нашата игра бидејќи реално немавме доволно време за да ги реализираме тактичките замисли на Раул подготвувајќи се за квалификациските натпревари за ЕП, сега е идеална можност да поработиме на некои нови тактики и со повеќе варијанти во играта да патуваме за Хрватска“ – истакна Манасков.

Се вчитува...