Манасков: За мене Ф4 е исполнување на сонот, во Келн ќе нема фаворити…

Дејан Манасков на почетокот од годинава настапуваше во „Ланксес Арена“ во дресот на македонската репрезентација, на „Президент купот“ од СП 2019. Нашиот интернационалец викендов ќе се врати во Келн во обид да стигне до најпосакуваниот трофеј во клупскиот ракомет, пехарот од Лигата на шампионите.

„Минатата година потфрливме, но овојпат одговоривме на предизвикот. Веспрем е клуб што секогаш настојува да стигне до врвни резултати, тоа носи позитивен притисок. Знаеме колку многу му значи ова на целиот град, колкава поддршка добиваме од навивачите и пресреќни сме што им возвративме со титула во Унгарија и со пласман на Ф4 во Келн“ – истакна Манасков.

Веспрем во својата богата историја нема европска круна, па мотивацијата кај Манасков и соиграчите пред претстојниот викенд е на највисоко ниво. Ривал на унгарскиот гигант во полуфиналето ќе биде Кјелце.

„Во групната фаза два пати го победивме Кјелце, но и двата натпревари беа крајно неизвесни. Знаеме дека во Келн нема фаворити, мора да се одигра максимално 60 минути ако се сака да се стигне до победата. Јас лично сум среќен што конечно ќе добијам шанса да играм на Ф4 од ЛШ, секој ракометар сонува еден ден да стане дел од големиот ракометен спектакл“ – вели Дејан Манасков.

Се вчитува...