Манчестер Сити е нов шампион на Англија, Јунајтед загуби од Лестер

Манчестер Сити вечерва без да излезе на терен се закити со шампионската титула во Премиер-лигата, откако второпласираниот Манчестер Јунајтед загуби на домашен терен од Лестер со 1-2, губејќи ги и математичките теоретски шанси да ги стигне „граѓаните“ до крајот на сезонава.

Оле Гунар Солскјер се жалеше на густиот распоред откако одложениот меч со Ливерпул му беше закажан за четврток, па норвешкиот стратег реши да ги сочува клучните играчи за тој дерби-дуел, против Лестер излегувајќи на терен со „втората екипа“, менувајќи дури десетмина стартери од последниот меч со Астон Вила.

Тимот на Лестер, кој се бори за четвртото место и пласман во Лигата на Шампионите, го искористи тоа и рано поведе преку Tомас, но Јунајтед успеа да израмни со голот на Мејсон Гринвуд. Дефанзивецот Сојунчу беше херојот на „лисиците“ постигнувајќи го победничкиот гол со глава по корнерот на Олбрајтон.

Се вчитува...