Мане продолжува да вложува во татковината, ќе инвестира 20 милиони долари и ќе вработи 1.000 Сенегалци

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, а сега на Ал-Наср, Садио Мане, повторно инвестира во својот Сенегал со цел да им овозможи подобри услови за живот на сограѓаните.

Мане вложи околу 20 милиони долари во проектот наречен „СМ10Агро“ со кој во неговото родно место Бамбали, ќе бидат отворени 1.000 работни места. Имено, во Мамбали ќе бидат изградени погони за преработка на манго и ќе биде отворено земјоделско училиште.

„Регионот губи помеѓу 30 и 40 отсто од одгледуваното манго поради неадекватни услови за складирање и преработка. Сакам богатството од нашата земја да остане тука, со нас во Сенегал. Со овој проект веднаш ќе бидат вработени 1.000 луѓе. Погоните за преработка ќе бидат изградени во Бамбали, а еден од нив ќе биде специјализиран за производство на путер од манго. Исто така ќе биде подигната плантажа со манго на 500 хектари, а ќе се отвори и земјоделско училиште. Сакам младите и жените од моето родно место да имаат вистински можности за образование. Исто така ќе се отворат дополнителни работни места и за транспорт и дистрибуција за потребите на „СМ10Агро“, изјави Мане.

Садио Мане и во минатото има вложувано во својата татковина, тој веќе има изградено неколку болници и училиште кои Сенегалците можат бесплатно да ги користат.

 

 

 

Се вчитува...