Маркизио е незадоволен, сака да си оди од Јувентус

Засилената активност на Јувентус за доведување на нови играчи за врска придонесе Клаудио Маркизио да биде крајно незадоволен и самиот да побара да му биде дозволено да си замине од таборот на италијанскиот првак. Неколку медиуми од Апенинскиот полуостров денеска ја пренесуваат информацијата дека Маркизио ќе биде вториот ас на Јуве (по Бонучи) кој летово ќе ја напушти „старата дама“.

Тој смета дека управата и стручниот штаб немаат доволна доверба во неговите услуги, па во овој период инсистираат на доведување на нови играчи за врска. Јувентус веќе ги има во своите редови Маркизио, Пјаниќ и Кедира, пред неколку дена го доведе и Матуиди од ПСЖ, а во меѓувреме ги продолжува и преговорите за Андре Гомеш од Барселона и за Емре Џана од Ливерпул.

Во ситуација кога Алегри инсистира на формација 4-2-3-1 и сите овие играчи ќе се борат само за две места во тимот, јасно е зошто Маркизио е незадоволен и бара трансфер. Антонио Конте не ја крие желбата да го доведе својот сонародник во Челси, понуди подготвуваат и Арсенал и Тотенхем, па интересно ќе биде да се види дали управата на Јувентус ќе даде зелено светло за заминување на уште еден италијански репрезентативец од клубот во овој преоден рок.

Се вчитува...