Марковски: Никој не го сметаше Скопје за фаворит, а одигравме неверојатна полусезона

Скопје одигра неверојатна полусезона во Втората македонска фудбалска лига – Запад и по шеснаесет одиграни натпревари се наоѓа на врвот на табелата со 37 бода. Тренерот на клубот од Автокоманда, Љупчо Марковски вели дека е презадоволен од играта во овој дел од сезоната и се надева дека во ист ритам ќе продолжат и на пролет.

„Честитки до раководството, до фудбалерите и до стручниот штаб. На стартот од сезоната никој не не вметнуваше во кругот на фаворити, но покажавме дека имаме тим кој може да се бори за промоција во Прва лига. Презадоволен сум од тоа што го одигравме во есенскиот дел. Освоивме неверојатни 37 бода што е рекорд на клубот. Мислам дека еден пораз во 16 одиграни меча е одлично постигнување. Пресреќен сум и поради нашите навивачи, бидејќи Автокоманда живее за фудбалот“, вели Марковски за ЕКИПА. 

Шефот на стручниот штаб додава дека во тимот има голем број млади фудбалери кои се желни за докажување и одличната атмосфера во соблекувалната е главниот фактор за неверојатните резултати на клубот.

„Состојбата во тимот е неверојатна. Тимот е полн со млади фудбалери кои се желни за докажување. Тоа е нашата најсилна страна. Време е малку да одмориме, а потоа да размислуваме за пролетниот дел од сезоната. Не очекуваат уште два натпревари од оваа фаза и потоа последните девет меча во сезоната. Има неколку тима кои што се одлични и ќе ни бидат вистински ривали за првото место. Околу нови фудбалери, ќе разгледаме некои опции како би пополниле некои делови од тимот во кои сме најтенки“, заврши Марковски.

Се вчитува...