Мартин Томовски: Добрата одбрана ни донесе победа во Русија

Мартин Томовски беше јунак во победата на Металург против Чеховски медведи (26-32), прва за „металурзи“ на гостински терен во оваа сезона. Младиот голман на Металург го замени индиспонираниот Дарко Арсиќ, одбрани три седмерци и донесе дополнителна сигурност во играта на македонскиот вицешампион. Натпреварот го заврши со 11 одбрани, а заслугата за добрата партија на голот скромно  „ја подели“  со одбраната на Металург.

„Натпреварот го реши добрата одбрана и беспрекорно ефикасниот напад. Помогнавме и ние голманите да се одржува таа предност. Отворивме солидно и наметнавме темпо кое го одржувавме до крајот на натпреварот. Одиме во нагорна линија, го покажавме тоа и на претходниот натпревар со Мотор Запорожје и сега против Чеховски медведи. Одигравме добро и ги заслуживме бодовите“ – истакнува Мартин Томовски.

Металург на последните два натпревари настапи без капитенот Филип Кузмановски кој паузира поради повреда, но и без тренерот Лино Червар кој им даде предност на селекторските обврски во репрезентацијата на Хрватска. Во отсуство на Червар, Металург на последните два натпревари во ЛШ, од клупата успешно го предводеше Александар Јовиќ и од две гостувања се врати со три бода.

Во следниот натпревар од Лигата на шампионите по неделата на ЕХФ резервирана за репрезентативните собири, Металург на 5 ноември го пречекува тимот на Чеховски медведи во Скопје, а пред  тоа ги очекува дуелот со Горење на 18 октомври, исто така на домашен терен.

Се вчитува...