Маслаќ ја „тресна“ Шкендија во Тетово и ја искачи Академија Пандев на врвот на табелата

Академија Пандев успеа да го совлада актуелниот првак Шкендија во Тетово со 0-1 и се искачи на на врвот на табелата во Првата фудбалска лига со 21 освоен бод. Дефанзивецот Марио Маслаќ со удар со глава по корнерот од десната страна ја затресе мрежата на тетовскиот тим во последните мигови од првото полувреме.

Ниту новиот тренер Ернест Ѓока не донесе позитивни промени во составот на Шкендија. Неговото деби мина очајно, а Шкендија го забележа петтиот пораз оваа сезона, наспроти само три победи. Тетовци се заканија преку Хусмани во 20.минута, но Чубраковиќ успеа да одбрани. На спротивната страна Атанасковски имаше обид кон голот на Захов, а тоа беше најава за голот на Маслаќ во 45.минута од мечот.

Во вториот дел, Арменд Алими шутираше непрецизно во 53.минута, а одбраната на Академија Пандев покажа дека е најдобра во лигата, успевајќи да одолее и на гостувањето кај актуелниот шампион. По десет одиграни натпревари, Академија Пандев има примено само два гола.

Се вчитува...