Мбапе избркан од тренинзите на Монако, се степал со соиграч

Килијан Мбапе е се поблизу до трансфер во редовите на Пари сен Жермен, а младиот голгетер прави се што може за да се пресели во Париз. Весникот „Л’Екип“ објави дека Мбапе минатата седмица дури и влегол во физичка пресметка со еден свој соиграч, по што бил отстранет од тимот и во последните денови тренирал изолирано.

Ситуацијата била трагикомична, Мбапе се степал со соиграчот Андреа Раџи, по што тренерот Жардим привремено го прекинал тренингот и го избркал францускиот репрезентативец. Тука почнува интересното – Мбапе делувал навредено и одбил да го напушти теренот, по што Жардим ја зел целата екипа и ја преселил на теренот што се наоѓал во непосредна близина. Веќе станува јасно дека за Килијан Мбапе нема иднина во Монако, но „кнезовите“ се цврсти на ставот добро да го наплатат неговото заминување. ПСЖ најави дека е подготвен да плати богатство, па сега сите се во исчекување на понуда од 180 милиони евра, колку што Монако го проценува својот суперталентиран фудбалер.

Самите тепачки станаа „заштитен знак“ на незадоволните фудбалери кои инсистираат на заминување, па така Нејмар имаше конфликт со Нелсон Семедо пред да се пресели во ПСЖ, додека Дембеле тргна да се тепа со голманот Бурки, се со цел да изнуди трансфер во Барселона.

Се вчитува...