Мбапе стави крај на летните шпекулации: Тоа би било непочитување кон Баерн и Олисе

Килијан Мбапе ги демантираше шпекулациите дека се обидел да го убеди својот француски репрезентативен колега Михаел Олисе да премине од Баерн Минхен во Реал Мадрид.

Гласините за можниот трансфер на Олисе во Реал Мадрид беа главна вест во медиумите во текот на летниот преоден рок. Во еден момент се тврдеше дека Мбапе, додека бил заедно со Олисе во репрезентацијата, се обидел да го убеди да се пресели во Шпанија.

Меѓутоа, напаѓачот на Реал Мадрид сега јасно стави до знаење дека не би се мешал во таква одлука. Во интервју за „Билд“, Мбапе порача дека би било непочитување кон играчот и неговиот клуб некој да го советува да си замине.

„Сметам дека би било непочитување да му советувам на играч да го напушти својот клуб. Тоа би било неправедно и кон Баерн, особено затоа што тоа е голем клуб во кој Михаел може да постигне многу“, изјави Мбапе.

Французинот додаде дека и самиот добро го познава чувството кога постојано се појавуваат шпекулации за трансфер. Додека настапуваше за ПСЖ, Мбапе беше често поврзуван со различни европски клубови.

И покрај тоа што не сака да му врши притисок на Олисе, Мбапе не штедеше комплименти за својот репрезентативен колега. Според него, крилниот напаѓач на Баерн е фудбалер кого би сакал да го има практично секој голем клуб.

„Едно е сигурно секој клуб во светот би сакал да го има Олисе. Тој е извонреден играч“, порача 27-годишниот Мбапе.

Од Баерн Минхен, пак, во текот на летото категорично ги отфрлија информациите дека клубот добил конкретни понуди за Олисе. Извршниот директор Јан-Кристијан Дресен истакна дека Баварците немале понуда на маса и дека ставот на клубот бил јасен – немаат намера да го продаваат францускиот репрезентативец.

Олисе пристигна во Баерн во 2024 година од Кристал Палас за обесштетување од 53 милиони евра и за кратко време се наметна како еден од најзначајните фудбалери на германскиот гигант. Неговиот договор со Баерн е со важност до јуни 2029 година.

Се вчитува...