Адем Мекиќ беше еден од оние кошаркари кои максимално ја искористија шансата од селекторот Бајиќ, преземајќи го товарот и лидерската улога во претквалификациите против Словачка и Швајцарија.
Членот на МЗТ Скопје беше меѓу играчите на одлука при двете клучни победи, максимално оправдувајќи ја довербата на новиот предводник на националниот тим.
„Среќен сум што ја искористив шансата, воедно и сум крајно благодарен на селекторот Бајиќ, кој укажа голема доверба во мене. Оние кои настапивме одигравме квалитетно во претквалификациите и што е најважно, се пласиравме во главниот квалификациски циклус, покажувајќи дека македонската репрезентативна кошарка има иднина“, изјави Мекиќ.
Се очекува овој кошаркар дефинитивно да се најде на списокот на селекторот Бајиќ и за ноемврискиот почеток на главните квалификации.
„Добивме група каква што посакувавме, со ривали против кои можеме да играме и да ги победиме. За мене лично ќе биде чест да се игра против гигант како Шпанија, без разлика во каков состав ќе настапат Шпанците во овие квалификации. Ривалите не се наивни, но се селекции против кои можеме да се надеваме на позитивен исход доколку ние бидеме на висина на задачата. Би посакал пред се сите да не служи здравје, комплетни да ги дочекаме овие главни квалификации, па во нив уште еднаш да одиграме најдобро што знаеме и да стигнеме до посакуваниот резултат“, истакна Адем Мекиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА