Мертенс доби понуда што не се одбива за да остане во Италија

Дрис Мертенс е еден од најпосакуваните фудбалери на „пазарот“ за летниот преоден рок, проверен врвен голгетер кој е достапен без никаква отштета со оглед на фактот дека договорот со Наполи му истекува во јуни 2020. Се чинеше дека ќе биде потпишан нов двогодишен договор, беше договорена висината на платата, но потоа дојде кризата со коронавирусот и новиот конфликт управа – фудбалер кај „наполитанците“, по што Мертенс и дефинитивно донесе одлука за заминување од Неапол.

Челси испрати богата понуда, но според последните информации огромни се шансите Мертенс да остане во Калчо-лигата и да го облече дресот на Интер. „Нероаѕурите“ во него гледаат извонредно решение како замена за Алексис Санчез, па веќе му доставиле и понуда што не се одбива – двогодишен договор за загарантирана плата од шест милиони евра по сезона. Наполи му нудеше на Белгиецот пет милиони годишно севкупно, доколку ги реализира сите бонуси од договорот, па јасно е зошто во Интер се оптимисти дека ќе успеат да го убедат Мертенс да се пресели на „Џузепе Меаца“.

Значаен адут во преговорите е и Ромелу Лукаку, со кого Белгиецот има беспрекорна соработка во националниот тим, а сега би можел да соработува и на клупско ниво.

Се вчитува...