Меси држеше час по фудбал, Јунајтед гледаше и учеше

Барселона не дозволи изненадување како ПСЖ, па со уште поубедлива победа отколку на „Олд Трафорд“ го совлада Манчестер Јунајтед со 3-0 и се пласираше во полуфиналето од Лигата на шампионите. Најзаслужен за победата беше Лионел Меси, кој одигра извонреден натпревар и со два гола уште во првото полувреме ја осигура победата на каталонскиот гигант.

Мечот почна со досуден пенал за Барселона по стартот над Ракитиќ, но судијата Брих по прегледување на снимката со ВАР ја промени својата одлука. Тоа не смени многу кога станува збор за случувањата на теренот, Меси ја презеде контролата и набрзина постигна два гола, првиот ремек-дело по соло-продор откако Јанг почетнички загуби топка на својата половина, а вториот по големата грешка на Де Хеа.

Барса продолжи да доминира, па Де Хеа со одлична интервенција спречи трет гол во самиот финиш од првото полувреме. На крајот, мечот сепак заврши 3-0 откако во вториот дел меѓу стрелците се запиша и Кутињо, со евро-гол од над 20 метри, во акција што со долго додавање од сопствената половина ја почна Меси.

Ривал на Барселона во полуфиналето од Лигата на шампионите ќе биде подобриот од двомечот Ливерпул – Порто.

Се вчитува...