Меси е кошмар за Емери – 25 гола на 21 меч против тренерот на ПСЖ

Како да се запре Лионел Меси? Тоа е прашањето што си го поставуваат сите тренери пред пресметките со Барселона, а Унаи Емери е еден од оние кои во кариерата многу пати се сретнувале со каталонскиот гигант, но се уште нема пронајдено решение за неутрализирање на аргентинскиот ас.

Тоа најдобро го потврдуваат бројките кои се поразителни за шпанскиот тренер, неговите тимови имаат одиграно 21 меч против Меси, при што Аргентинецот има просек од повеќе од еден гол по натпревар (вкупно 25 погодоци). Поконкретно, со Алмерија тој прими еден гол на еден натпревар против Барса, на десет меча како тренер на Валенсија тој прими девет погодоци од Меси, Аргентинецот постигна четири гола на два дуели со Спартак Москва, како и 11 погодоци на пресметките со Севилја кога Емери седеше на клупата на оваа екипа. Севкупно гледано, Емери има само една победа на 23 меча против Барселона, и тоа на натпреварот на кој Меси не настапил за каталонскиот гигант.

И покрај оваа статистика, шпанскиот стручњак е дециден на својот став дека нема потреба да поставува специјална тактика за неутрализирање на најдобриот фудбалер на денешницата.

Нема да правиме тактички иновации само за да го запреме Меси. Ова ќе биде тимски дуел, а ние ќе мора да ги добиеме колективните, исто како и индивидуалните битки“ – порача Емери.

Се вчитува...