Меси ги посакува Дибала и Ди Марија на „Камп Ноу“

Бразилскиот ас Нејмар ја напушти Барселона, а каталонскиот гигант доби 222 милиони евра со кои треба да го засили својот тим пред почетокот на новата сезона во Ла Лига и во Лигата на шампионите. Тренерот Ернесто Валверде ќе треба да го изнајде вистинското решение и да доведе засилувања кои ќе можат веднаш да се вклопат и да функционираат речиси беспрекорно, како претходното трио „МСН“.

Шпанските медиуми најавуваат дека Лионел Меси сака аргентински сонародници да ја засилат Барселона. Пауло Дибала од Јувентус и Анхел Ди Марија од ПСЖ, кои се негови соиграчи во националниот тим на „гаучосите“, Меси со радост би ги видел и како клупски соиграчи на „Камп Ноу“. Раководството ќе се обиде да му ја исполни желбата, со оглед дека се работи за навистина врвни фудбалери од светска класа.

Барселона наводно веќе го направила првиот чекор во преговорите со Јувентус. Го посакува Пауло Дибала, а подготвена е да ги понуди Андре Гомеш и Рафиња, и плус 90 милиони евра. Ова секако е понуда за која „старата дама“ вреди да размисли.

Анхел Ди Марија е поранешен играч на Реал Мадрид, а до ова лето имаше и анти-барса клаузула. Дека по заминувањето од „Сантијаго Бернабеу“ не смее да замине на „Камп Ноу“. Но, сега е тоа минато, а ПСЖ го купи Нејмар, па ќе има вишок и во навалната линија на францускиот клуб. За него Барселона е подготвена да плати околу 50 милиони евра.

Се вчитува...