Meси го промовираше дресот со кој ќе се прости од репрезентацијата на Аргентина (ВИДЕО)

„Адидас“ и Фудбалската асоцијација на Аргентина претставија специјален дрес посветен на Лионел Меси, кој најдобриот фудбалер на сите времиња ќе го носи на прошталниот натпревар против Бенин, на 6 октомври на стадионот „Монументал“.

Дресот е подготвен за последниот натпревар на Меси за аргентинската репрезентација, за која одигра 207 натпревари и постигна 125 гола. Дизајнот на гостинскиот дрес се разликува од традиционалната опрема на Аргентина со вертикални пруги. Основата е во небесносина боја, додека широка бела лента се протега по средината на дресот.

На предната и на задната страна се прикажани зраци инспирирани од „Мајското сонце“, еден од националните симболи на Аргентина. Наместо вообичаеното лого на „Адидас“, на десната страна од градите се наоѓа личниот амблем на Меси во форма на буквата „М“, изработен во златна боја. На левата страна е грбот на Аргентина со три ѕвезди, исто така украсен со златни детали.

На грбот на дресот со златни букви е испишано „Меси 10“, врамено со мотив од сончеви зраци. Под јаката, на задниот дел, исто така се наоѓа мал симбол на Мајското сонце.

„Уште еден натпревар… Дрес за цел живот“.

Меси ги освои сите најважни трофеи со аргентинската репрезентација. Првиот голем успех го постигна во 2005 година, кога стана светски шампион со младинскиот тим, а три години подоцна го освои златниот медал на Олимписките игри во Пекинг.

Тој ја предводеше сениорската репрезентација до титулите на Копа Америка во 2021 и 2024 година, како и до трофејот на „Финалисима“ во 2022 година, натпревар во кој се среќаваат шампионите на Јужна Америка и Европа.

Најголемиот успех го постигна на Светското првенство во Катар во 2022 година. Аргентина ја победи Франција во финалето по изведувањето пенали, а Меси беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Leo Messi (@leomessi)

Се вчитува...