Меси и Суарез го нокаутираа Ливерпул

Барселона направи огромен чекор напред кон пласманот во финалето на Лигата на шампионите, откако го совлада Ливерпул со 3-0 на „Камп Ноу“, во првиот полуфинален дуел од елитното европско клупско натпреварување. Лионел Меси со два гола и Луис Суарез го нокаутираа тимот на Јорген Клоп. Англискиот тим ќе има ѓаволски тешка задача да ја надомести оваа негатива за шест дена на „Енфилд Роуд“.

Ливерпул се закани преку Садио Мане и Мохамед Салах, но Луис Суарез донесе предност за каталонскиот гигант во 26.минута. Тој одлично реагираше по центаршутот на Жорди Алба од левата страна и го совлада Алисон Бекер.

Во вториот дел блесна Лионел Меси. Тој беше стрелец на вториот гол во 75.минута, наоѓајќи се на вистинското место да ја спроведе одбиената топка во мрежата откако Суарез ја погоди гредата. Седум минути подоцна, Аргентинецот со вистинско ремек дело, постигна уште еден гол од слободен удар и го нокаутира Ливерпул. Мохамед Салах го погоди дирекот, а Осман Дембеле во последните секунди имаше одлична можност и за четврти гол за каталонскиот состав.

Финалето на Лигата на шампионите се игра на стадионот „Ванда Метрополитано“, а Барселона се чини дека стави резервација на своето учество.

Се вчитува...