Лионел Меси на денешен датум пред точно десет години ја шокираше светската фудбалска јавност – со објавата дека повеќе нема да игра за Аргентина.
Видно разочаран по поразот од Чиле во финалето на Копа Америка, тогаш 29-годишниот Меси објави дека предвреме ја завршува репрезентативната кариера. Тоа беше четврто загубено финале во низа за Лео во репрезентативниот дрес, кому критиките му дојдоа преку глава.
„Се обидов буквално со се. Игравме четири финалиња и не успеав да победам. Посакував повеќе од било кој друг, трофеј со националниот тим, но за жал тоа не се случи“, изјави Меси со солзи во очите пред насобраните аргентински медиуми.
За среќа, штом емоциите се смирија, соиграчите и членовите на федерацијата го убедија Меси да го промени ставот. И оттогаш ништо повеќе не беше исто.
Лео најпрвин го крена трофејот во Копа Америка во 2021, потоа го стори истото и во 2024, а успеа да си ја исполни и најголемата желба да ја предводи Аргентина до титулата светски првак на СП 2022 во Катар.
А историјата продолжува да се испишува и на овој мундијал, на кој Меси веќе урна неколку рекорди што со децении делуваа недостижни…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
