Металург 2 имаше сила само за едно полувреме против Бутел

Ракометарите на Бутел стигнаа до нова победа во домашниот шампионат, откако ја оправдаа фаворитската улога на гостувањето кај Металург 2, совладувајќи го тимот од Автокоманда со 17-28.

Домашните ракометари беа достоен противник во првото полувреме. Во ниту еден момент не му дозволија на фаворитот да се одлепи, а на полувреме бутелчани заминаа со предност од само два гола разлика 12-14. Во вториот дел младите металурзи паднаа, а тоа го искористија гостите кои со одлична игра успеаја да се одвојат и на крајот да стигнат до убедлив триумф од 17-28.

Димитар Ѓеоргиевски и Мартин Димов со по 7 гола беа најдобри поединци во победничкиот табор, додека Марко Божиновски заврши со 4. Кај Металург Јуниор 5 гола постигна Лука Стојановиќ.

Се вчитува...