Металург ги улови „руските мечки“

Ракометарите на Металург во петтото коло ја забележаа втората победа во Лигата на шампионите, прва на гостински терен откако избраниците на Александар Јовиќ со одлична игра стигнаа до 26-32 на гостувањето во Русија против Чеховски медведи. Голманот Мартин Томовски беше човек на одлука со одбранет пенал и уште неколку успешни интервенции во рок од десетина минути во кои домаќините не постигнаа гол, а „металурзите“ си создадоа предност што потоа ја одржаа до самиот крај.

Ефикасниот напад овозможи Металург да има водство во првата половина од првото полувреме. Истото не беше изразено со повеќе од еден гол разлика, но почнувајќи од 0-1, „металурзите“ редовно поведуваа и со 1-2, 2-3, 3-4, 4-5, 5-6 и 6-7, за Чеховски медведи првпат да дојде до предност со голот на Санталов во 15. Минута (8-7). Рускиот првак благодарение на истиот ракометар нешто подоцна дојде и до „плус два“ (11-9), но Металург експресно се врати и со головите на Јагањац, Илиќ и Пешевски во 24. Минута македонскиот тим стигна до ново израмнување (12-12). До крајот на полувремето се играше максимално израмнето, па со голот од пенал на Серафимов на одмор се замина со резултат 15-15.

А потоа во второто полувреме проработе гранитната одбрана на „металурзите“, на чело со голманот Мартин Томовски. Чеховски медведи во 34. Минута преку Андреев поведе со 19-17, за потоа домаќините цели десет минути да не постигнат гол, период во кој македонскиот вицешампион благодарение на Томовски стигна до предност од 19-23. Домашниот тим го прекина постот со гол од пенал,  а на спротивната страна со својот осми погодок возврати Јагањац.

За разлика од претходниот меч во Украина на кој во финишот му овозможија на противникот камбек, овојпат младите „металурзи“ одиграа максимално искусно, контролирајќи го резултатот до самиот крај, погодувајќи од најразлични позиции за апсолутно заслужена победа од .

Јагањац со девет гола беше најефикасен и на оваа средба, Жарко Пешевски погоди шест пати, додека Илиќ четири пати се запиша меѓу стрелците во првата гостинска победа на Металург во ЛШ сезонава.

За Металург ова е трет меч во низа без пораз во ЛШ (две победи и едно реми). Следниот период ќе нема средби од Лигата на шампионите поради ЕХФ-неделата, а македонскиот вицепрвак во рамките од шестото коло на ЛШ ќе го пречека токму Чеховски медведи, меч закажан за 5 ноември.

Се вчитува...