Металург го збриша Бутел, Охрид го отпиша Радовиш

Дуелот меѓу Бутел и Металург требаше да биде дерби на колото во ракометната Супер-лига, но мина во целосна доминација на поранешниот првак, кој триумфираше на гостински терен со преубедливи 16-30. Слично како и на претходниот дуел со Пролет, „металурзите“ и овој дуел го добија со цврста одбрана, затворајќи ги приодите кон голот на Дупјачанец, за конечни „плус 14“ и задржување на чело на табелата.

Охрид останува на второто место на табелата откако тимот на Раде Стојановиќ убедливо славеше на гостувањето против Радовиш со резултат 22-29. Охриѓани одиграа одлична одбрана во првото полувреме, во кое примија само девет гола (9-15), практично решавајќи го прашањето на победникот за само 30 минути игра. За Радовиш овој последен пораз значи и губење на сите шанси за пласман меѓу најдобрите четири екипи и влез во плејофот.

Кривокапиќ со девет гола беше предводник на гостите до овој значаен, триумф, а осум погодоци постигна Блажевски.

Се вчитува...