Металург минимално го доби Бутел во дербито на колото во Суперлигата

Ракометарите на Металург го совладаа Бутел со 26-25 во првиот меч од 4. коло во Суперлигата. Металурзите по промената на тренерот Дамир Стојановиќ покажаа дека сакаат да го поправат впечатокот од мечот со Пролет во кој во последната секунда се спасија од пораз.

Уште од самиот старт на мечот домашните ракометари го диктираа резултатот, а на средината на првиот дел дојдоа и до највисоката предност од плус пет (10-5). До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, а на пауза домаќините заминаа со предност од 15-11.

Во вториот дел гостите од Бутел заиграа подобро и на минута до крајот успеаја да се приближат на само минус еден (26-25). Следуваше напад на Металург во кој Шилегов не реализираше пенал, а Бутел на 20 секунди до крајот имаше напад за израмнување, кој не го искористи Златко Мојсоски, а домаќините стигнаа до минимална победа од 26-25.

Томислав Јагуриновски со 8 гола беше прв стрелец кај Металург, додека Шилегов погоди 5 пати. Кај Бутел се истакна Златко Мојсоски со 7 гола.

Се вчитува...