Металург остана и без Хорват за двомечот со Висла

Металург ќе биде дополнително ослабен за претстојниот двомеч од Лигата на Европа против Висла Плоцк, откако тренерот Димитриоски во последен момент остана и без услугите на Златко Хорват.

Хрватот е најзвучно име во таборот на „металурзите“, тој настапи на последното гостување против Чеховски Медведи, но во пресрет на гостувањето во Полска отпадна од комбинација, приклучувајќи се на долгата листа на повредени и болни играчи на поранешниот македонски првак.

„За жал, поради бројни позитивни на коронавирус и повредени, Металург и на ова патување заминува со десеткуван состав. Патуваат 12 ракометари, но на првата средба не ќе можеме да сметаме на новото засилување Василије Калуѓеровиќ, кој ќе настапи само на вториот натпревар. Во тимот на Металург, покрај искусните Дупјачанец, Маркоски, Ѓорѓески, Рниќ и Поповиќ, се и младите Серафимов, Калуѓеровиќ, Додиќ, Кофилоски и Митиќ, но и кадетите Петковски (16) и Брестовац (16)“, информираат од РК Металург.

Првиот натпревар ќе се одигра на 14 февруари, со почеток во 20.45 часот, додека реваншот на распоред е на 16 февруари, во 18.45 часот.

Се вчитува...