Металург посакува достојно збогување од Европа, Пелистер брка второ место во групата

Металург и Еурофарм Пелистер вечерва го завршуваат настапот во групната фаза од Лигата на Европа. „Металурзите“ со домашен дуел против Адемар Леон се надеваат на достоен крај на оваа европска сезона за заборав, додека „пелистерци“ пред себе имаат голем влог – со триумф во Швајцарија над Шафхаузен битолскиот клуб би можел да се искачи на второто место во групата и со тоа да добие нешто полесен ривал во нокаут фазата.

Тимот на Металург би требало да се комплетира за денешниот меч со Адемар Леон. Гостите од Шпанија се фаворити за бодовите, но тренерот Димитриоски и неговите избраници се свесни дека мора што поскоро да влезат во ритам пред почетокот на плејофот во македонското првенство, закажан за петок. Првиот меч во Шпанија заврши со убедливи 41-32 за Адемар Леон, а главне цел за „металурзите“ е да се поправи катастрофалниот учинок од последното гостување во Виена, кога македонскиот претставник загуби од Фајверс со убедливи 45-30.

Еурофарм Пелистер го има осигурано пласманот во нокаут фазата, но битолчани имаат можност со триумф вечерва во Швајцарија да го прескокнат Шафхаузен, а со малку среќа и ГОГ (кој вечерва гостува на Рајн-Некар Левен) па да се искачат дури до второто место во групата. Предизвикот не е нималку наивен, Шафхаузен ремизираше во Битола (25-25), во пресрет на овој меч има серија од три победи идентично како и „пелистерци“, но доколку се одигра на највисоко ниво избраниците на Бабиќ можат да се надеваат на позитивен резултат.

Се вчитува...