Металург потфрли: Наместо борба, убедлив пораз од Фајверс

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Ракометарите на Металург доживеаја уште еден пораз во Лигата на Европа, овојпат на гостински терен против Фајверс со убедливи 45-30 (22-13). „Металурзите“ најавија храбар настап по солидното издание со Чеховски Медведи, но наместо трендот на напредок во играта да продолжи, вечерва во Виена можеше да се проследи очајно издание на поранешниот македонски првак. Целиот меч беше решен во првите петнаесетина минути во кои Австријците поведоа со дури девет гола разлика додека „металурзите“ делуваа катастрофално во одбраната и неефикасно во нападот.

Металург изнуди исклучување при првиот напад, но тоа не беше од преголема корист ако се знае дека избраниците на Димитриоски не успеаја да го матираат голманот на Фајверс во првите пет шутеви кон неговиот гол. Крилото Петкоски конечно го постигна првиот гол за Металург, но одбраната беше далеку од посакуваното ниво, Австријците со леснотија ја полнеа мрежата на Дупјачанец, поведувајќи со 7-2 по неполни девет минути игра. Ниту тајмаутот на Димитриоски не вроди со плод, противникот набрзина стигна и до убедливи девет гола разлика (13-4).

Дупјачанец одбрани зицер спречекувјќи „минус десет“ во раната фаза од мечот, по што Металург набрзина даде неколку погодоци во серија и намали на 14-8. Сепак, тоа беше се што македонскиот тим успеа да стори на овој меч, Фајверс повторно презеде целосна контрола и во 24. Минута за првпат поведе со двоцифрена разлика (18-8). На одмор се замина со водство на Фајверс од 22-13, по што австрискиот тим рутински ја одржуваше предноста до самиот крај, славејќи со убедливи 45-30.

Поповиќ беше убедливо најдобар поединец кај Металург со 11 постигнати гола, пет постигна Шилегов, но од единаесет обиди, додека Серафимов го заврши мечот со 4/9.

Се вчитува...