Металург со нов тренер и изменет ростер утре ги „пали моторите“

Екипата на Металург утре ќе ги стартува подготовките за новата сезона, во која поранепниот првак на Македонија ќе влезе со речиси целосно променет состав во однос на минатиот шампионат на Македонија. „Металурзите“ имаат и нов тренер, Србинот Дамир Стојановиќ, кој во следните четириесетина дена ќе има тешка задача да ги вкомпонира големиот број на нови ракометари кои пристигнаа во „Автокоманда“.

Во текот на летово ангажирани беа: Лука Вујовиќ (Ловќен), Милан Поповиќ (Пелистер), Реваз Чантурија (Струга), Маријан Мариќ (Зрински), Даниел Ѓорѓески (Пелистер), Иракли Кбилашвили (Одеса) и Дејан Пецаковски (Е.Работник), а најавена е и прекоманда на дел од најдобрите ракометари од МЕталург 2.

Во меѓувреме, клубот го напуштија Томовски (Лудвигсхафен), Даниловски (Охрид), Маџовски (Е.Работник), Димитриоски (Вардар), Шпенде (Загреб), Пучник (Еш), Токиќ (Ајзенах), Миличевиќ (Марибор) и Велковски (Е.Работник).

Во првите денови предвидено е тимот да тренира во Автокоманда, а потоа ќе замине за Копаоник, каде од 6 до 12 август ќе ги работи висинските и базичните подготовки. Во текот на подготовките Металург ќе учествува и на два турнири.

Најпрвин ќе биде дел од турнирот на Чеховски Медведи, од 15 до 19 август, а потоа ќе настапи и во Кањижа, од 22 до 25 август. Последната етапа од подготовките Металург ќе ја одработи во Автокоманда.

Металург сезонава нема да настапува во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите, туку од самиот старт на сезоната ќе биде дел од Супер-лигата на домашната сцена.

Се вчитува...