Металург со убедлив триумф се врати на чело на Супер-лигата

Ракометарите на Металург експресно се вратија на врвот на суперлигашката табела, откако избраниците на Зоран Кастратовиќ вечерва славеа над Пролет со убедливи 36-28. „Металурзите“ експресно ја оставија зад себе разочарувачката евро-елиминација од Горење, одиграа одличен натпревар и покажаа надмоќ во однос на градскиот ривал.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Металург ќе го диктира темпото, одличната одбрана на домашниот тим беше нерешлив проблем за Пролет, од кој на спротивната страна произлегуваа лесни погодоци преку крилата Поповиќ и Шилегов. Дупјачанец бранеше одлично, а токму по голот што го постигна голманот на Металург, за водство од 9-4, гостинскиот стратег Матлиески побара тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, домашните продолжија да ја зголемуваат предноста, па во 25. минута со голот од контранапад на Шилегов за првпат поведоа со двоцифрена разлика (18-8).

На одмор се замина со девет гола предност за Металург (20-11), со што победникот практично беше решен. Вториот дел мина во нешто поизрамнета игра, Пролет на пет минути до крајот намали на „минус шест“ (33-27), но Металург рутински го приврши мечот, за заслужена победа и камбек на првото место на табелата, пред Охрид, Бутел и Пролет.

Милан Поповиќ со десет гола беше прв стрелец на Металург, седум постигна Серафимов, додека во таборот на Пролет најефикасни беа Џонов со девет и Андоновски со шест погодоци.

Се вчитува...