Металург замрзна на „минус пет“ во Словенија

ЕКИПА во Велење,

Стеван Цаневски

Металург претрпе убедлив пораз од 24-19 на првиот натпревар против Горење Велење, по што македонскиот тим го очекува тешка задача на реваншот во Скопје да биде обезбедено учество во групната фаза од ЕХФ-Купот. Зоран Кастратовиќ и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи 25 минути целосно доминираа, на полувреме водеа со еден гол разлика, но потоа девет минути беа без постигнат погодок во второто полувреме, по што поразот беше неизбежен.

Македонскиот претставник добро го стартуваше натпреварот, наметно нешто побавно темпо што не му одговараше на Велење и по неполни четири минути игра поведе со 1-3. Дупјачанец одбрани и седмерец, овозможувајќи Металург да ја здаржи предноста од два гола и по 11 минути игра (3-5). Проблемите се појавија по исклучувањето на Велко Маркоски, по кое Горење експресно израмни на 5-5, пред Танкоски да ја врати предноста на „металурзите“.

При резултат 6-6 три интервенции врза Дупјачанец, па преку Танкоски и Серафимов  македонскиот тим ја врати предноста од два гола (6-8). Цврстата одбрана на чело со одличниот Дупјачанец овозможи Металург целосно да го контролира резултатот до пред крајот на полувремето. Сепак, Чантурија не реализираше пенал при 7-10, по што Горење се разбуди и на одмор се замина со водство на Металург од 10-11.

Словенечкиот тим беше подобар на стартот од второто полувреме, Металург се повеќе грешеше, па Горење со гол од контранапад поведе со 13-12. Домаќините добија на самодоберба, набрзина поведоа со 16-13, по што Кастратовиќ беше принуден да побара тајмаут. Советите не помогнаа, па Словенците дојдоа и до плус пет (18-13) веќе во 44. минута од средбата, резултат при кој Танкоски не реализираше пенал.

Долгата серија без гол конечно ја прекина Мариќ со погодок за 19-14, следеше и гол на Чантурија за 19-15, но домашниот тренер веднаш зеде тајмаут по што Горење ја стабилизираше играта. Последната шанса за приклучок беше пропуштена кога Јагуриновски промаши пенал (трет нереализиран седмерец на Металург) при 21-17. Проблемите со неефикасниот напад во второто полувреме продолжија до самиот крај, а Горење го искористи тоа, стигнувајќи до триумф од  24-19, среќен исход за Металург во финишот по нереализираниот пенал на Велење во последната минута.

Серафимов со четири гола беше прв стрелец на Металург, додека по три постигнаа Поповиќ, Танкоски и Мариќ.

Реваншот од овој двомеч се игра следната недела во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...