„Металурзите“ загубија во Винковци, но продолжуваат во Европа

Ракометарите на Металург се пласираа во второто коло за место во новоформираната Лига на Европа, откако на реванш дуелот на гостувањето против хрватска Спачва во Винковци загубија со 29-25 (14-14), доволно по победата од седум гола разлика во Скопје.

„Металурзите“ одиграа максимално рамноправен натпревар со домаќините. Низ целиот тек на натпреварот резултатот беше израмнет, се до последните десет минути кога ракометарите од македонскиот тим, се чини, се опуштија а Спачва го искористи тоа за пирова победа.

Токму во последните десет минути Хрватите успеаја резултатски да се издвојат, но недоволно за да го загрозат продолжението на европскиот пат на Металург.

Канкараш и Мариќ беа најефикасни во редовите на Металург, со по пет постигнати погодоци, додека Златко Хорват натпреварот го заврши со четири гола.

Се вчитува...