Мифтари: МЗТ коректно ни излезе во пресрет, ќе бидеме гости во Аеродром

Натпреварот меѓу Шкупи и МЗТ Скопје во рамките од второто коло од Првата кошаркарска лига на Македонија ќе се игра следната седмица во Аеродром, но само затоа што двата клуба се договориле за менување на домаќинствата. Иако на официјалното делегирање од страна на МКФ стои дека домаќин ќе биде Шкупи, тренерот на овој клуб, Енвер Мифтари, објаснува дека неговиот тим ќе дојде во Аеродром како гостин.

Имавме договор со МЗТ Скопје поради некои работи во салата во Чаир што треба да ги корегираме, да ги замениме домаќинствата. Тоа е причината поради која ќе играме во Аеродром, а управата на МЗТ Скопје коректно ни излезе во пресрет. Ние ќе бидеме гости во Аеродром, а потоа во вториот дел од сезоната ќе го пречекаме шампионот во нашата сала во Чаир“ – изјави Мифтари.

Според него, изненадувачки е што Шкупи не добива зелено светло за настап во својата сала иако и уште неколку арени ширум Македонија не ги задоволуваат критериумите што МКФ ги посочува како задолжителни.

Да бидам искрен, не ми се допаѓа што цело време акцентот се става на Шкупи. Нашата сала не чинела, а услови нема ниту во Куманово, во Битола, па критериумите не ги задоволува ниту салата на Работнички. Ние ги финишираме работите и се надевам дека веќе од третото коло ќе ни биде дозволено да бидеме домаќини во Чаир“ – истакнува Енвер Мифтари.

Се вчитува...