Мијаиловиќ за Миротиќ: Никој не е поголем од Партизан, ќе донесеме други топ-засилувања

Првиот човек на КК Партизан, Остоја Мијаиловиќ, во интервју за „МаксБет Радио“ говореше за пропаднатиот трансфер на Никола Миротиќ, откако кошаркарската мегаѕвезда во последен момент се премисли и реши да не потпише договор со „црно-белите“ иако веќе си имаше подадено рака со управата на АБА-шампионот.

Миротиќ обелодени како течеле разговорите, но и испрати порака до навивачите дека иако овој трансфер пропадна, Партизан ќе доведе врвени засилувања во текот на летово.

„Пред еден и пол месец ми се јави Жељко Обрадовиќ и ми кажа дека Миротиќ е опција. Моравме да обезбедиме финансиски ресурси за ваков мега-трансфер, ако некој мисли дека тоа е лесно сериозно се лаже, но успеавме во тоа и му дадовме на Обрадовиќ зелено светло за да преговара. Точно е дека имавме договор, но кога официјално раскина со Барселона ни кажа дека има притисок и закани. Веднаш реагиравме, но и набрзо потоа увидовме дека тој од некои причини не сака да го потпише трансферот што претходно го договоривме. Тој не е единствениот играч што може да игра за Партизан, ниту пак Партизан е единствениот клуб за него. За нас секогаш важи едно правило – никој не е поголем од Партизан… Му посакуваме на Миротиќ се најдобро, ние одиме понатаму. Лани имавме одличен буџет, ја освоивме АБА-лигата и бевме блиску до Ф4 на Евролигата. Во новата сезона ќе имаме уште поголем буџет, ќе поставиме пред себе уште поголеми цели. Навивачите не треба да се грижат, ќе донесеме врвни засилувања како што доликува на нашиот клуб“, порача Мијаиловиќ.

Се вчитува...