Миленкоски: Растеме на секој тренинг, против Белгија ќе го покажеме тоа на терен

Одбојкарската репрезентација на Македонија веќе утре ја очекува нов предизвик, домашниот дуел против селекцијата на Белгија во рамките на Златната лига. Откако во првото коло беа рутински совладани од селекциите на Украина, македонските одбојкари на чело со селекторот Јошко Миленкоски очекуваат далеку подобро издание на утрешниот домашен натпревар со Белгијците.

Миленкоски на денешната прес-конференција повтори дека овие средби од Златната лига ги користи за воигрување на тимот пред настапот на ЕП во Скопје, но македонскиот селектор јасно стави до знаење и дека очекува борба за победа од своите избраници.

„Досега веќе многу пати потенциравме дека натпреварите во Златната лига, не само ние туку и останатите селекции, ги користат за подготовка за Европското првенство. Без оглед на тоа, сепак, спортски е да се бориме за да стигнеме до победа. Јас сум убеден дека моите избраници тоа ќе го демонстрираат во утрешниот меч со Белгија. Ме радува што буквално секој тренинг ние растеме во играта, а тоа се должи на посветеноста на репрезентативците и стручниот штаб”  истакна Миленкоски.

Утрешниот ден носи двојна одбојкарска програма во СЦ „Борис Трајковски“, најпрвин женската репрезентација на Македонија во 17..30 часот ќе излезе на мегдан со Летонија, по што за 20.15 часот е закажан дуелот меѓу машките селекции на Македонија и на Белгија.

Се вчитува...