Миленковски: Без еуфорија, ова е само првиот чекор… сега не чека клучен меч со Црна Гора!

Македонскиот селектор Јошко Миленковски сосема очекувано не можеше да го сокрие задоволството од победата над Данска од 3-1 на стартот од Европското првенство 2023 кое се одржува во Скопје.

Во Групата Ц, Македонија дојде до првата значајна победа која ги отвора амбициите за пат кон осминафиналето. Свесен е за тоа Миленковски, но повикува дека не смее да има еуфорија затоа што се уште не е постигната целта на овој шампионат.

„Ова беше еден навистина возбудлив натпревар, но молам без еуфорија. Затоа што не чека еден клучен натпревар против Црна Гора. Ние имаме своја цел и мора да ја реализираме. А ќе ја реализираме само со смиреност и трпение“ – истакна Миленковски по триумфот во „Борис Трајковски“ притоа дополнувајќи:

„Свесни сме дека победивме еден тежок натпревар пред кој носевме притисок затоа што сакавме победа. А, јас знам, дека тие натпревари се секогаш најтешки за играње. Секој поен беше возбудлив, секој поен беше под притисок, но тоа не е ништо чудно затоа што беше натпревар со големи емоции. На крај извонредна победа, заслужена до крај, иако имавме и некои грешки кои ќе мора да ги корегираме, грешки кои обично никогаш не ги правиме. Но, тоа е цената на тој мал притисок“.

А, сега следи Црна Гора во сабота од 20 часот…

„Црна Гора можеме да ја добиеме и ќе ја анализираме добро. Тие ќе играат полетно, млада селекција се, и тоа може да биде опасно за нас исто како што е опасна еуфоријата. Затоа мора да се спуштиме на земја, да одмори, добро да ги анализираме и да одиграме повторно на ниво“ – вели Миленковски.

Се вчитува...