Миленковски: Добро се подготвивме за овие натпревари, а имаме и голема помош од фантастичната публика

Македонската одбојкарска репрезентација само чудо може да ја спречи да се пласира во осминафиналето од Европското првенство по денешнта фантастична победа над Црна Гора со 3-0.

По натпреварот селекторот Јошко Миленковски не го криеше задоволството од новиот фантастичен натпревар, а имаше и пофални зборови како и за публиката така и за неговите играчи.

„Овие две победи ни беа најважни, а потоа рековме дека ќе уживаме на ова првенство. Такви ни беа подготовките, ја темпиравме формата и како што рече капитенот многу одработивме, посветивме многу внимание на нашата игра, во техничко-тактички анализи и се останато и тоа вроди плод.

Но, пред се мораме да бидеме благодарни на оваа прекрасна публика, за овој прекрасен амбиент. Имаме трема и возбуда. Јас зад мене имам стотици натпревари, но и јас имам трема пред ваква публика која не поддржува од се срце, пее и се радува заедно со нас.

Не треба да застанеме тука. Утре имаме натпревар против најдобрите на светот, играчи кои се од друга планета и мислам дека самото тоа треба да претставува магнет за публиката. Нека биде тоа една ревија во која ќе уживаме сите заедно. Колку и да сме оптимисти, играме против најдобрите на светот. Нашето внимание ќе биде за следните натпревари и верувам дека нема да има изненадувајќи резултати до крајот. Ние нашето го направивме и верувам дека со оваа победа го потврдиме пласманот.

Дуелот со Чешка мислам дека за сите нас ќе биде едно докажување и можност за постигнување на уште подобар резултат. Зошто да не одиме на вториот или третиот во следната фаза. Ние не се предаваме, гледате дека играме и во вакви натпревари од голем притисок. Секоја чест за играчите кои се покажаа во најдобро светло“, вели селекторот.

Се вчитува...