Милев: Црногорците се на наше ниво, но со помош на публиката ќе ги победиме

Македонските одбојкари се фокусираат на наредниот натпревар против Црна Гора (сабота 20 часот, СЦ „Борис Трајковски“) на кој победа ќе значи и речиси сигурен пласман во осминафиналето од овој европски шампионат.

Владо Милев, кој е еден од најискусните во нашиот табор, верува во успех против Црногорците, но и посакува одлична атмосфера на трибините како што тоа беше случај на првиот меч со Данска.

„Имавме време да одмориме и добро да се подготвиме за Црногорците. Тоа е уште еден квалитетен противник, по квалитетот се на наше ниво, а се нешто поискусни во однос на данската репрезентација. Најважно сепак ќе биде како ние ќе одиграме и верувам дека со помош на публиката ќе стигнеме до победата. Поддршката против Данска ни беше драгоцена и сакам да упатам апел навивачите да продолжат да не бодрат бидејќи тоа е многу важно за нас во обидите да ги оствариме зацртаните цели“, изјави Владо Милев.

Тој се осврна и на дуелот со Данците, на кој Македонија успеа да се врати од сет негатива и да триумфира со 3-1.

„Знаевме дека Данците можат да бидат опасни со сервис, против нас во клучните моменти правеа грешки и тоа го искористивме. Беше тежок меч, но кога беше најважно покажавме карактер, имавме повеќе настапи од нив на европските првенства и тоа искуство беше драгоцено кога се кршеше резултатот“, истакна Милев.

Се вчитува...