Милевски: Чест и задоволство ни е што добиваме име како Канатларовски во стручниот штаб

Поранешниот македонски селектор Драган Канатларовски од утре се приклучува на стручниот штаб на младата репрезентација на Македонија, во таборот на Благоја Милевски.

Селекторот Милевски нагласува дека националниот тим добива докажано македонско фудбалско име кое од различни аспекти ќе допринесе за развојот на младите фудбалери и за продолжување на успешните резултати на селекцијата до 21 година.

„За нас е чест и задоволство што младата репрезентација во стручниот штаб добива име како Драган Канатларовски, поранешен селектор, фудбалска големина која сигурно ќе допринесе од многу различни аспекти за уште поуспешни резултати на селекцијата до 21 година. Репрезентацијата до 21 година досега веќе се изгради на едно високо ниво, поставувајќи стандарди за професионална работа и одлични резултати, и сигурно со Канатларовски тоа ниво, како дополнителен позитивен импулс, ќе биде значајно зацврстено“ – вели селекторот Милевски за ЕКИПА.

Младата селекција од денеска го стартува последниот собир пред септемврискиот квалификациски старт за ЕП. Тимот на Благоја Милевски подготовките ќе ги реализира во две фази, првата во Скопје, а потоа од 31. мај следи преселбата во Терме Чатеж каде на 3. јуни е закажан и пријателскиот натпревар со Словенија.

Се вчитува...