Милевски го препородува Ашдод: Најдобар старт на сезоната во последните шест години

Поранешниот селектор на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски на повеќе од импресивен начин го препородува тимот на Ашдод во новата сезона од израелскиот шампионат.

Составот кој минатата сезона во последното коло се бореше за опстанок, буквално во последен час избегнувајќи преселба во понизок ранг на натпреварување, сега по првите три кола во Израел е на третата позиција на табелата со две победи и еден пораз. За израелската фудбалска јавност и тоа како е изненадување триумфот од 1-0 изминатиов викенд против актуелниот шампион Хапоел Бер Шева.

Ашдод, тимот со и тоа како значително помал буџет од водечките екипи во шампионатот, славеше против Хапоел Бер Шева благодарение, како што пренесуваат израелските медиуми, на новата свежина во тимот која ја донесе Милевски ова лето со преземањето на клупата на тимот.

„Во добро позната средина сум ако се знае дека тука и како играч минав четири години од мојата кариера. Да, имавме добар старт, неочекуван за поголемиот дел од израелската фудбалска јавност, но сепак не сакаме многу да се залетуваме. Како и секогаш досега во мојата кариера, размислувам само за секој следен натпревар. Се обидуваме да промениме и некои нешта од начинот на функционирање на клубот изминативе години, начин на размислување кај фудбалерите, стил на игра…, а сето тоа во насока за што подобри резултати“ – вели Боби Милевски.

А, за Ашдод ова е најдобар старт на сезона во последните шест години. Од сезоната 2012/2013 тимот не знае за повеќе од три бода во почетните три кола…

„Амбициите на клубот, без разлика на се, остануваат Ашдод да се најде себе си како стабилен прволигаш, подобропласиран од минатата сезона кога во последен момент се бркаше опстанок во Првата лига. Сепак, во Израел опстојуваат клубови со буџет од десеттици милиони евра кои атакуваат на врвот. Ние сакаме од натпревар на натпревар само фудбалски тимот да расте и да бележи позитивни резултати“ – ни изјави Милевски од Израел.

Се вчитува...