Милевски: Горд сум на момците и покрај поразот, покажаа дека можат да се носат со Шпанија

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година несреќно загуби од Шпанија на арена „Тодор Проески“ и пропушти можност да се искачи на второто место во квалификациската група за ЕП. Македонските фудбалери не реализираа пенал во финишот за да стигнат до реми, шпанскиот голман Хозеп Мартинез го одбрани ударот од белата точка на Димитар Митревски во 88.минута. Само пет минути претходно, Хуго Дуро реализираше пенал за Шпанија со „црвената фурија“ и стигна до триумф.

„Сега кога ќе ги сумирам впечатоците, горд сум на момците. Покажаа како може да се игра против Шпанија. Покажаа дека имаат квалитет и дека можат во најмала рака да бидат конкурентни во европски рамки. Загубивме, не реализиравме пенал. Но, можеме да бидеме задоволни од тоа како се носевме со големиот ривал. Попуштивме пред крајот, дел од фудбалерите немаат никаква минутажа, тие што влегоа мора да покажат повеќе на следните натпревари. Сега останува да се кренеме и да продолжиме напред, да се подготвиме за Фарски Острови. Веќе нема слаби репрезентации во Европа, тоа најдобро го покажаа со нивниот триумф над Израел дома“, изјави селекторот Благоја Милевски по минималниот пораз од Шпанија.

Се вчитува...