Милевски: Собир за запознавање со новата генерација, и карактерно и на фудбалски план

Селекторот на младата репрезентација Боби Милевски стартува со градењето на новата генерација македонски надежи. Првиот мартовски собир ќе биде реализиран преку силниот меѓународен турнир во Анталија на кој Македонија ќе се тестира со Словачка, Казахстан и Бугарија.

Македонската селекција од денеска веќе е во Анталија стартувајќи со подготовките за првиот дуел со Казахстан на 24. март.

„Овој собир е повеќе од добредојден за меѓусебно запознавање на оваа нова генерација и карактерно и на фудбалски план. Пред нас се три квалитетни дуели кои треба да дадат слика за новите потенцијали. Натпреварите се и еден вид филтер за тоа како ќе изгледа тимот во квалификациите за Европското првенство“ – вели селекторот Милевски.

Предводникот на националниот тим  на располагање ќе ги има сите повикани фудбалери. Единствено на повреда на бутниот мускул се пожали офанзивецот Марко Ѓорѓиевски.

„Уште еднаш би повторил дека сите повикани фудбалери ќе добијат подеднаква минутажа на трите меча. Добро е што нема проблеми со повреди, освен Ѓорѓиевски кој има мала повреда на бутниот мускул но се надеваме дека ќе може да одигра барем еден натпревар. Одличната атмосфера во тимот верувам дека ќе ни донесе и позитивни резултати на овој собир во Анталија“ – истакнува Милевски. 

Се вчитува...