Милнер пак ќе игра во Премиер-лигата, но не во дресот на Ливерпул

Џејмс Милнер ќе го продолжи егзодусот од фудбалери на Ливерпул во летниот преоден рок откако 37-годишниот ветеран решил летово да си замине од „Енфилд“. Јирген Клоп е задоволен од ветеранот и веќе му понудил нов договор, но Милнер се сомнева дека ќе има било каква минутажа наредната сезона, поради што се решил за нов предизвик во кариерата пред и официјално да му каже збогум на фудбалот.

Брајтон ќе биде новиот клуб на ветеранот откако била испратена понуда што Милнер начелно ја прифатил. Тој бил воодушевен од разговорот што го имал со менаџерот Роберт де Зерби, кој прави чуда играјќи извонреден фудбалер откако на веќе почната сезона го наследи Грем Потер на клупата на Брајтон. Де Зерби им дава шанси на голем број млади и перспективни фудбалери, но во тимот сака и играч како Милнер кој со своето искуство би му бил продолжена рака на тренерот. Иако му е јасно дека нема да биде стандарден првотимец, Милнер сака да биде дел од овој проект и ќе потпише договор на една година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.

Тој ја продолжува листата на играчи кои сигурно ќе си заминат како слободни играчи од „Енфилд“ летово, на која се наоѓаат и Кеита, Окслејд Чембрлен и Роберто Фирмино.

Се вчитува...