Минимален триумф на Работнички против Ренова, како подарок за 82.роденден

 

Работнички ја оствари третата победа во новата сезона совладувајќи го составот на Ренова со 1-0, во премиерниот меч од деветтото коло во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“ беа подобар противник, не искористија и пенал, а до триумфот дојдоа со автоголот на дефанзивецот Ненад Мишковски од Ренова, кој во 58.минута си постигна автогол. Ова е можеби и најубавиот подарок за 82.роденден за клубот од Дебар Маало.

Работнички во првиот дел неколкупати се закани со удари од далечина. Херера, Тошевски, Петковски, Силјановски шутираа кон голот на Ренова, но без ефект. Тоа што не им успеа на „романтичарите“, го стори Ненад Мишковски во 58.минута, ама во сопствената мрежа.

Херера нафрли од слободен удар, а Мишковски сакајќи да расчисти, со глава ја затресе мрежата на Хадис Велии.

Селмани шутираше од работ на шеснаесетникот во обид да израмни, но Дамјан Шишковски беше на висина на задачата и не дозволи да биде изненаден. Во 81.минута, Петар Петковски беше соборен во казнениот простор, судијата Марјан Стојановски покажа на белата точка, но Иван Марковиќ не успеа да го реализира пеналот за Работнички. Напаѓачот на „романтичарите“ шутираше високо, а топката од гредата се одби зад голот на Ренова.

Работнички со овој триумф се искачи на седмата позиција со 10 бода, а Ренова остана на 13 бода.

Се вчитува...