Миркуловски: Ќе работиме на финеси за да играме беспрекорно на ЕП

Филип Миркуловски повторно е дел од националниот тим, воедно и една од главните алки во тактиката на Раул Гонзалес. Искусниот бек е свесен дека тренинзите во следните денови ќе бидат добредојдени за македонските репрезентативци, за што подобро да се увидат тактичките замисли на селекторот со кого ракометарите немаа минато премногу заедничко време.

Раул е релативно нов тренер во репрезентацијата, во изминатиот период со него како селектор имавме повеќе натпревари отколку комплетни тренинзи, така што сметам дека е добро што следниот период ќе го искористиме за целосно воигрување, но и за разбирање на тактичките замисли на селекторот. Ова е добредојдено за некои работи да ни станат појасни, па во иднина се да биде полесно. Можеби е подобро и од аспект на атмосфера, ќе нема натпревари и бркање резултат, туку напротив, покрај тренинзите ќе имаме и доста слободно време заедно, па ќе може да се работи уште поголемо подобрување на „хемијата“ во тимот. Сепак, пред се мора да биде работата, максимално да ги искористиме овие пет-шест дена заедно и да се подготвиме што подобро за предизвиците што ќе бидат пред нас од јануари. Ние реално знаеме што бара селекторот од нас, но ќе работиме на финеси, за се да функционира беспрекорно кога ќе дојдат клучните натпревари на ЕП“ – истакна Филип Миркуловски.

Се вчитува...