Миркуловски: Можеме до полуфинале, со знаење, малку среќа и публика!

Филип Миркуловски повторно е еден од клучните играчи во македонската репрезентација, големиот „фајтер“ импонира со карактерот и борбеноста и во нападот и во одбраната. Тој е и еден од оние кои беа дел од последниот настап на Македонија на едно големо натпреварување што се одржуваше во Хрватска, мундијалот во 2009 година на кој „црвено-жолтите“ почнаа да оставаат свој печат на светската и европската ракометна сцена.

„Сметам дека во споредба на таа генерација од мундијалот во Хрватска од пред девет години, македонската репрезентација не е многу поинаква по нивото на квалитет, со тоа што оваа генерација има три-четири помлади играчи кои се поискусни за барем едно големо натпреварување и годинава треба да го дадат својот придонес за да направиме добар резултат и да се пласираме на некое место од кое сите би биле задоволни“ – порачува средниот бек на нашиот национален тим.

Сега ситуацијата е сосема поинаква, пред се поради респектот што противниците го имаат кон македонскиот национален тим.

„Тоа беше наше прво големо натпреварување за поголемиот дел од ракометарите, тогаш сите гледаа на нас како на аутсајдери. Сега тоа е целосно променето, бидејќи во последните години сме редовни учесници на големите натпреварувања, на Македонија се гледа со други очи. Групата е тешка, но ние имаме шанса за да минеме понатаму, ќе биде тешко, но како и секогаш ќе дадеме максимум и ќе веруваме во себе“ – вели Миркуловски.

Како играч кој минал многу во кариерата, логично е што Миркуловски си поставува високи цели пред себе. Според неговите зборови, нема да биде изненадување ниту доколку Македонија се најде во полуфиналето и битката за медали на овој шампионат.

„За мене успех би бил да имаме игра како таа во Србија. Бидејќи Хрватска и Србија се земји блиски до Македонија, ќе имаме поддршка од нашите фанови, да го надминеме тоа петто место. Квалитет поседуваме, ако имаме и здравје и среќа, помогнати од верните навивачи, зошто да не и да стигнеме до полуфинале“ – оптимист е големиот борец во нашиот национален тим, Филип Миркуловски.

Се вчитува...