Миркуловски: Отсуствата кај Словенија не значат дека ќе ни биде полесно

ЕКИПА на ЕП во Загреб,

Стеван Цаневски, Билјана Благоеска Петрушева, Игор Паневски

Македонските ракометари се подготвени за предизвикот што го носи новото Европско Првенство, воедно и мотивирани да се одмаздат на Словенија за убедливиот пораз од ланскиот мундијал претрпен во Мец. Проблемите на противникот воопшто не ги залажуваат нашите ракометари, кои се свесни дека ќе мора да одиграат најдобро што знаат и умеат за да стигнат до цел плен и перфектен почеток на оваа нова ракометна „приказна“.

„Подготовките минаа во најдобар ред, конечно дојде и тој прв натпревар за кој сме максимално подготвени. Бронзата на Словенија од последниот мундијал го прави нашиот противник благ фаворит. Тие се послаби од СП во Франција, повредени им се неколку квалитетни ракометари, но тоа не значи дека нам ќе ни биде полесно. Јасно е колкаво е значењето на првите натпревари, овој меч ни е шанса за евентуално пренесување на бодови во следната фаза и дефинитивно ќе сториме се за да победиме.  Желни сме да направиме повеќе од досега“ – истакнува Филип Миркуловски.

Средбата меѓу Македонија и Словенија се игра со почеток во 19.30 часот. Претходно, во 17.15 програмата од нашата група Ц во Загреб ја отвораат Црна Гора и Германија.

Се вчитува...