Митиќ: Сакаме прва европска победа токму во Виена

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Ракометарите на Металург од денеска се во главниот град на Австрија, каде утревечер ќе излезат на мегдан против Фајверс, во обид да стигнат до првата европска победа сезонава. „Металурзите“ со враќањето на Тарабокија добија на дополнителен квалитет во нападот, а еден од оние кои прикажуваат одлични игри во последно време е младиот пивот Андреј Митиќ, кој постигна седум гола на последниот меч со Чеховски Медведи.

Тој максимално ја користи минутажата во ситуација кога Канкараш си замина, а Лазаревски е „во аут“, па Митиќ ќе биде значаен адут на тренерот Димитриоски и на утрешниот дуел во Виена.

„Првиот меч со Фајверс заврши нерешено, но ова е добра можност за сите нас, да стигнеме до првата европска победа. Проблем е што не сме комплетни, но верувам дека ќе прикажеме добра игра. Сметам дека и на мечот со Чеховски Медведи во Скопје одигравме добро, но поради некои наши грешки во финишот го загубивме така натпреварот. Што се однесува до мене, јас сум благодарен на Металург и тренерот Димитриоски за шансата што ја добив. Мое е на секој натпревар да го давам максумумот, да се надоградувам и да бидат подобар од натпревар во натпревар. Засега сум задоволен, но целта е да напредувам, а ова е голема шанса“, истакна Митиќ.

„Металурзите“ утре наутро ќе одржат еден тренинг во арената во која во 20.45 часот ќе излезат на терен со Фајверс.

Се вчитува...